Македонската делегација на 53. издание на Џифони Италија
Од 20 до 29 јули во Џифони Вале Пјана во Италија се одржува 53-то издание на Филмскиот фестивал Џифони, најголемиот филмски фестивал за деца во светот. Меѓу 6500 учесници од триесетина земји, Македонија повторно е застапена со најбројна делегација: десет претставници на возраст од 14 до 19 години, избрани меѓу најактивните учесници на последното издание на Филмскиот фестивал за млади Џифони Македонија.
Калина, Бисера, Максим, Јован, Бојана, Чејс, Дамјан, Летиција, Лина и Тео овие десет дена се дел од големото меѓународно жири кое гледа најнови филмови од светската филмска продукција за деца и млади и ќе ги избере најдобрите остварувања за оваа година.
Освен филмовите, за младите учесници се организирани и бројни други активности, средби со режисери, продуценти и глумци, како и богата музичка програма.
Филмскиот фестивал Џифони се одржува секоја година во јули, како централна манифестација со која се крунисуваат бројните активности на големото семејство Џифони што се организираат во текот на целата година ширум светот.
Со своето единаесетто издание што ќе се одржи во октомври годинава, Џифони Македонија, како горд член на семејството Џифони и единствен фестивал надвор од Италија што го носи тоа име, повторно ќе приреди единствено филмско доживување за околу 600 учесници од Македонија и од странство.