За фестивалот

Џифони Македонија - почетоците

Џифони Македонија: како започна сѐ?

Џифони Македонија е дел од големото семејство Џифони и регионален хаб на најголемиот културен настан за млади во светот, познатиот филмски фестивал Џифони од Италија.

Фестивалот, кој го започна своето постоење во Италија во далечната 1971 година, дојде во Македонија како резултат на неизмерната енергија и ентузијазмот на македонските учесници што секое лето ја претставуваа нашата земја на италијанскиот фестивал.

Поттикнат од таа енергија, основачот на Џифони, Клаудио Губитози, дојде во Македонија и се обиде да го посее семето на Џифони и во овие краишта. Се разбира, тука наиде на плодна почва и голема желба за нешто ново, филмски фестивал посветен на децата и младите, прв од тој вид во земјата.

Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“ уште од самите почетоци наиде на одличен прием и поддршка од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Република Македонија и Италијанската амбасада во Скопје, кои континуирано и активно учествуваат во успешната реализација на фестивалот и останатите придружни активности кои се составен дел на Џифони Македонија.

Џифони Македонија - Мисија

Главните цели на Џифони Македонија:

  • да придонесе за растот и социјалниот развој на младите генерации;
  • активно да ја инволвира младата филмска публика во единствена движечка сила - меѓународно жири кое има задача да ги оценува понудените филмови и на тој начин да даде свој придонес за развој на филмската индустрија наменета за за деца и млади;
  • преку филмот и уметноста да ѝ овозможи на младата публика подобро да ја запознае светската и европската сегашност, историја, култура и општество;
  • да се зајакне искуството и знаењето на децата и младите преку активно учество во едукативните сегменти во рамките на фестивалот;
  • да се поттикне мултикултурна комуникација и размена меѓу децата;
  • да понуди културен производ кој соединува филмска програма и неформално образование (работилници, мастеркласови итн.);

Филмови

Џифони Македонија е филмски фестивал во кој младите учесници се во улога на жири. Тие гласаат за најдобрите филмови од својата возрасна група, како и за кратките филмови за кои постојат повеќе натпреварувачки категории. Покрај натпреварувачката, постои и ревијална програма, наменета за пошироката публика.

Работилници

Учесниците можат да изберат помеѓу неколку 5-дневни креативни работилници, на кои стекнуваат нови вештини и техники во различни гранки од креативните дејности. Работилниците се одржуваат под менторство на професионалци со долго искуство во настава и работа со деца и млади.

Дискусии и мастеркласови

Дискусии и средби со автори: По проекциите, учесниците дискутираат за филмот што го одгледале. Честопати на овие дискусии гостуваат режисерите или актерите од филмот.

Мастеркласови: Учесниците имаат средби со претставници од креативните индустрии со кои кои разменуваат мислења на теми од нивен интерес.

Жири

Жирито на фестивалот е составено од околу 500 млади учесници од Македонија и странство. Тие се поделени во три возрасни групи: јуниори (VI-IX одделение), кадети (I и II година средно) и сениори (III и IV година средно) Секоја група гледа филмови внимателно избрани за нивната возраст и со својот глас го одлучува победникот на Фестивалот..

Студентска размена

Секоја година петнаесеттина млади ја претставуваат Северна Македонија на филмски фестивали и други настани организирани од нашите меѓународни партнери. Тие се бираат меѓу учесниците на Џифони Македонија кои биле редовни и активни во сите сегменти на фестивалот: дискусии, работилници, програма за гостопримство.

Програма гостопримство

Програмата за гостопримство ја отсликува суштината на концептот Џифони: македонските учесници им нудат гостопримство на другарчињата од странство. Странските учесници живеат една недела како да се дел од семејството и се запознаваат со локалните обичаи и култура. И најдобриот дел: се раѓаат нови пријателства.

Проектот EPYC

Проектот EPYC - Enhancing Peace through Youth Creativity, поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, е дел од единаесеттото издание на Џифони Македонија. Проектот има за цел да промовира регионален peace and reconciliation, преку филмови и други содржини создадени од млади автори и за младата публика

Други активности

Покрај централниот фестивал, во останатите месеци Џифони Македонија организира проекции и работилници низ другите градови во Македонија. Проектот Џифони Патува предвидува дводневна програма во други градови во Македонија. Проектот Џифони Филмски Денови нуди проекции и работилници за време на викендите.

Пријатели

Филмскиот фестивал за млади Џифони Македонија, како и сите други придружни активности организирани за децата и младите во текот на годината под брендот Џифони, се поддржани од македонски, италијански и меѓународни институции, компании и пријатели кои веруваат во нашата мисија.

Повеќе за пријателите на Џифони