Џифони Филмски Денови во следните 10 саботи ќе ви понуди филмови, дискусии со филмаџии и актери, работилници и многу забава

Во периодот од 9 април, па сѐ до 11 јуни, секоја сабота од 10 до 14 часот во Кинотеката на Република Севрна Македонија ќе се одржи филмска програма ЏИФОНИ ФИЛМСКИ ДЕНОВИ (GIFFONI MOVIE DAYS)
Оваа програма е намената за учениците од сите општини на градот Скопје и предвидува секоја сабота да се прикажува по еден европски игран филм наменет за младата публика, проследен со дискусија и средба со филмски автор или актер. Филмовите опфаќаат теми кои ја засегаат младата генерација.
На првиот ден од манифестацијата ќе биде прикажан филмот Патешествието на принцот (Le voyage du prince) кој успешно допира две важни теми: првата се однесува на предрасудите во општеството и стремежот да се пронајде место за креативност и слободна мисла. Додека пак, втората тема се однесува на зачувувањето на животната средина.
Гостин на средбата ќе биде Леона Јариќ, добитник на наградата Green Competition во организација на Europe House. Таа ќе го претстави своето најново остварување и ќе разговара со младата публика за своите почетоци во филмската уметност и за освоената награда, професионална камера.
Потоа следи “ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА”, проект што Кинотеката го организира веќе трета година – и се реализира под менторско водство на режисерката Марија Џиџева. „Филмска училница“ во рамки на ЏИФОНИ ФИЛМСКИ ДЕНОВИ ќе биде фокусирана на поттикнување на креативноста на младите кои сакаат да ја раскажат нивната на кратка приказна преку аудио-визуелен јазик близок на новите генерации. Проектот е во организација на на Кинотеката на Република Северна Македонија, во соработка со Планет-М и Џифони Македонија.
Филмовите што ќе произлезат од „Филмската училница“ ќе бидат прикажани за време на десеттото издание на Џифони Македонија и заедно со филмовите создадени на фестивалот ќе се натпреваруваат за главната награда – професионална камера.
Линк за пријавивање на Giffoni Movie Days
Линк за пријавивање за Филмската училница
Проектот Џифони Филмски Денови – Giffoni Movie Days е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Република Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер Џифони Експириенс.