Џез и Филм

Home / Џез и Филм

Диксиленд

од Roman Bodarchuk (Латвија, Украјна, Германија)

Времетраење: 60’

Синопсис

Разбрануваното Црно Море го заплискува пристаништето, сонцето грее, небото е ведро и сино. Детскиот оркестар „Диксиленд“ свири марш, диригентот ги слуша. Се чини дека среќата ќе трае вечно… арно ама, растењето е неизбежно. Одеднаш, станува јасно како ден дека наставникот не е бесмртен и дека другарите си имаат свои планови. Медалите и инструментите светкаат на сонцето, а секое дете си има своја судбина – со или без музика


The jazz loft according to W.Eugene Smith

од Sara Fishko (САД)

Времетраење: 88’

Синопсис
Филмот ја истражува џез-сцената во Њујорк, во периодот од 1957 до 1965 година, документирана преку десетици илјади фотографии на Јуџин Смит. Во педесеттите години од минатиот век во Менхетен, една темна и руинирана петкатница и нејзиното поткровје стануваат дом и опсесија на брилијантниот фотограф Јуџин Смит, кој го напушта своето семејство за да живее таму и да води уметнички живот. После ѕвездената, но за него фрустрирачка кариера во познатото списание Life, Смит го озвучува поткровјето и го документира секојдневието на Шестата авенија број 821 преку илјадници фотографии и бесконечни аудио снимки. На тоа место, во периодот од осум години џез-музичарите се собираат секоја вечер, останувајќи цели ноќи за слободни џем-сејшнс. Телониус Монк доаѓа во поткровјето на проби за негов прочуен биг-бенд концерт, Хал Овертон таму станува познат џез-гуру, а талентираниот тапанар Рони Фри блеснува и згаснува на џез сцената токму на број 821. Сите овие случувања и многу повеќе Смит ненаметливо ги документира. Тој беше пред своето време додека создаваше вистинско богатство од фотографии и музички снимки за идните генерации. Неговата работа обезбедува директен поглед кон овие скриени од јавност џем-сејшнс и ни дава многу побогато разбирање на Њујорк, уметноста и музичката сцена во доцните педесетти и раните шеесетти години од минатиот век. Она што го направил Смит во своето поткровје, во историјата не е документирано во таков обем на ниту една друга локација. Каква привилегија е да се навлезе во опсесивната работа на Смит и во неговата богата ризница и да се направи филм од неа.